Тероризмот како глобална закана

23 November, 2017 - 09:53
инсајдер

Тероризмот како глобална закана

Една од појавите кои го обележуваат почетокот на 21 век е глобалната закана од тероризмот. Тероризмот се дефинира како незаконско користење на сила и насилство од страна на поединци или групи насочени против лица или објекти со цел да го заплаши и принуди населението или некој оштествен сегмент во остварување на своите политички и општествени цели. Негови обележја се заканите, насилството, примената на сила, чувство на страв и несигурност, а целите се секогаш политички обоени и опфаќаат цели од изнувудање на отстапки, преку промена на надворешна или внатрешна политика до целосно соборување на поредокот на една држава.

Тероризмот како појава е доста стар. Неговите елементи постојат отсекогаш низ историјата и можеме да ги пронајдеме уште во античко време, а дефиниран е кон крајот на 18 век за време на револуцијата во Франција. Сепак ретко кога за тероризмот се зборувало и бил перцепиран како голема закана како што е тоа денес. Во голем дел од земјите во светот луѓето го сметаат како една од најголемите закани за нивното општество. Граѓаните на САД, Израел, Индија,Турција итн. го ставаат на прво место на работи што ги загрижуваат.

Дека стравот на тие луѓе е оправдан говорат и бројките. Денес имаме околу 3000 активни терористички организации со преку 200.000 членови. Во 2000 година бројот на смртни случаи како последица на терористички напади изнесувал 3.329 додека во 2016 година тој е зголемен на 25.621.

Податоците за „рекордната“ 2014 година се уште пострашни – 32.763 луѓе имаат загинато во некој терористички напад, а ниту еден дел од светот не е останат имун на овој вид на напади. Најголемиот дел од сите терористички напади во светот се има случено во 5 земји – Ирак, Нигерија, Авганистан, Пакистан и Сирија, но исто така на сите ни се добро познати нападите во Франција, САД, Шпанија, Велика Британија,Турција, Русија и многу други земји. Нашиот регион сега за сега е релативно сигурен од ваквите видови на напади, но постои голема закана. Само од Македонија преку 150 лица се имаат приклучено на редовите на ИСИЛ кои после неизбежното колабирањето на „Исламската Држава“ се потенцијална закана како повратници во нашата држава. Слична е ситуацијата низ целиот регион од каде што стотици, во најголем дел млади луѓе, се имаат приклучено на оваа или некоја друга слична терористичка организација. Исламскиот тероризам не е единствената закана со која што се соочува нашата држава. Сите добро се сеќаваме на акцијата „Планинска Бура“ и судирите во Кумановското „Диво Насеље“. Ситуацијата е уште полоша кога ќе се земе во предвид слабоста на институциите кои што се задолжени да се справуваат со овие закани во регионот и лошата економска ситуација која што прави плодно тло за регрутација на нови припадници на терористичките организации.

Македонија во моментов е релативно сигурна, но ситуацијата во државата е фрагилна и целото општество, како и државниот безбедносен апарат мора да се посветат на ова прашање. #БидиИнсајдер

Веста е прочитана 85 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.