Белгиски суд денеска одлучува за екстрадицијата на Пуџдемон и неговите соработници

17 November, 2017 - 09:55

Сменетиот каталонски лидер Карлес Пуџдемон и четворицата негови поранешни министри денеска ќе се појават пред белгиски суд, на прво сослушување заради евентуална екстрадиција на Шпанија.

Тоа ќе биде нивно прво сослушување откако белгиските власти ги пуштија да се бранат од слобода.

Обвинителот во Брисел претходно потврди дека сослушувањето ќе се одржи зад затворени врати, по што ќе следува одлуката дали и кога ќе бидат испорачани на шпанските власти.

Пуџдемон и поранешните каталонски министри имаат право да поднесат жалба на евентуалната одлука за екстрадиција. Кога ќе се исцрпат сите правни средства, во Белгија можат да останат до почетокот на следната година.

Канцеларијата на обвинителот потврди дека им е одредена мерка да не смеат да ја напуштат Белгија без судско одобрување, мораат да ја дадат својата вистинска адреса и лично да дојдат на сите судски сослушувања.

Против нив, како и против други девет членови на кабинетот, покренати се обвиненија за бунт, поттикнување на бунт и злоупотреба на буџетски пари. Пуџдемон и четворицата министри од неговата регионална влада претходно побегнаа во Белгија, не чекајќи ги обвиненијата.

Веста е прочитана 472 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.