Мугабе одбива да се повлече од претседателската функција во Зимбабве

17 November, 2017 - 12:36

Роберт Мугабе не прифаќа повлекување од претседателската функција на Зимбабве пред редовните избори закажани за следната година. Делегацијата на Јужноафриканската заедница за развој посредува во преговорите меѓу армијата, која ја презеде власта во Зимбабве и Мугабе, кој е под силен притисок да се повлече од функцијата. Опозицијата која е надвор од овој процес, бара оставка од Мугабе и формирање транзициска влада.

„Улогата на опозицијата секогаш ќе биде создавање демократска алтернатива на ЗАНУ-ПФ. Знаете ова е внатрешна борба во ЗАНУ-ПФ, нема никаква врска со народот, народот се уште не одлучил каква форма на влада му треба“, вели лидерот на опозицијата Морган Цвангираи.

Африканската унија од друга страна го осуди воениот удар и побара враќање на уставниот поредок. Од самата армиска интервенција во средата, генералштабот негира дека извршила воен удар, туку само акција за апсење на криминалците околу претседателот. Од таа причина армијата врши силен притисок врз Мугабе да се повлече за да се избегне формирање воена влада.

„Тие не сакаат да бидат присилени во ситуација да формираат воена влада. Мислам дека тоа е една од интересните работи, тоа е многу внимателно управувано од воената транзиција со изненадувачка доза на воздржаност од сите страни“, оценува аналитичарот Нокс Читио.

Од владејачката ЗАНУ-ПФ соопштија дека подготвуваат Резолуција за отстранување на Мугабе од лидерската позиција и за импичмент следната недела, доколку тој доброволно не се повлече.

Кризата во Зимбабве се продлабочи со интервенцијата на армијата по кризата во владејачката партија предизвикана од внатрешниот судир меѓу потенцијалните наследници на Мугабе, неговата сопруга Грејс и поранешниот претседател Мнангагва.

Игор Трајков

Веста е прочитана 957 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.