Протести во Зимбабве - „Мугабе мора да си замине“

18 November, 2017 - 16:19

Ни воените удари не се тоа што беа. Наместо судири, полициски час, глуви улици и уплашен народ, во Зимбабве сме сведоци на карневалска атмосфера и заразно чувство на ентузијазам кај еден народ кој конечно се ослободува.

Улиците на Хараре  се преполни со десетици илјадници граѓани одлучни да ја покажат нивната поддршка за преземањето на власта од страна на војската и да побараат оставка од претседателот Роберт Мугабе, кој наводно требаше да е во куќен притвор. Ако гласот на народот нешто значи, гласот на народот во Хараре е единствен: Мугабе мора да си замине.

После борбата за независност и крајот на апартхејдот, после 37 години режим на Роберт Мугабе, во Зимбабве владее убедувањето дека ова сега е вистинското ослободување.

„Има многу социјална нестабилност поради социјалниот и економски пад, затоа сме тука да се собереме и да ја поддржиме нашата војска за тие да ја променат ситуацијата“.

„Мугабе мора да си замине. Многу сме возбудени денес. Многу сме среќни. Да, палци горе“.

“Сакаме Мугабе да си оди. Доста веќе Мугабе. Мугабе мора да си замине“.

Вчера во јавноста се појави и Мугабе за кој се веруваше дека е во домашен притвор. Облечен во академска тога, одржа говор, ентузијастички поздравен од своите поддржувачи.

Војската и понатаму инсистира дека не станува збор за воен удар, туку обид за мирна транзиција, дека бараат негово одалечување од власт, иако Мугабе и понатаму одбива да поднесе оставка. Главното барање на кланот Мугабе е загарантиран имунитет за Мугабе и неговата жена Грејс, главната мета на военото и народното незадоволство, кое меѓу другото сака да го сопре нејзиното преземање на власта.

Но, на улицата и на народот на Зимбабве, не им е до преговори, сакаат промени веднаш и сега.

„Сите се многу среќни, сите се многу среќни дека Мугабе мора да си оди, ама денес, не утре. Сакаме да ја напушти функцијата“.

„Атмосферата е возбудувачка, конечно ни е дозволено да бидеме возбудени. Ова е нашиот ден на независност, ова е нашата „чимуренга“ (отпор). Ова е Зимбабве“.

Крокодилот Мнангагва, воениот ветеран и поранешенпотпредсетал, кој беше избркан минатата недела, и чие дефенстрирање од власта ја подигна на нозе војската, наводно се вратил во татковината.

Меѓу можните опции за мирна транзиција е Мугабе да даде оставка и Мнангагва да ја преземе власта, или пак 93 годишниот диктатор да остане на позиција до партискиот конгес во декември или пак до изборите во 2018 година.

Опција која овој радосен народ, сериозно би го разлутила.

Ивор Мицковски

Веста е прочитана 825 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.